Регистрација

Најава

Заборавена лозинка

Доколку сте ја заборавиле лозинката, Ве молиме внесете ја Вашата емаил адреса на која ќе Ви биде испратен линк за ресетирање на истата.


Побарај совет

Ве молиме најавете се за да побарате правен совет.
Доколку немате кориснички профил кликнете на Регистрација.

Најава

Регистрација

За да побарате совет Ве молиме да се регистрирате. Регистрација е брза, едноставна и истата има цел за заштита од спам. Внесените податоците се строго доверливи и не се споделуваат со трети страни.

Начини на заштита

„Семејно насилство“ е малтретирање, навредување, загрозување на сигурноста, телесно повредување, полово или друго психичко, физичко или економско насилство со кое се предизвикува чувство на несигурност, загрозување или страв, вклучувајќи и закани за такви дејствија, спрема брачен другар, родителите или децата или други лица кои живеат во брачна или вонбрачна заедница или заедничко домаќинство, како и спрема сегашен или поранешен брачен другар или вонбрачен партнер или лица кои имаат заедничко дете или се наоѓаат во блиски лични односи, без оглед дали сторителот го дели или го делел истото живеалиште со жртвата или не (Закон за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, Службен весник 24/2021 година).

Семејното насилство може да го пријави секој граѓанин кој доколку има сознание за постоење на насилството е должен тоа да го направи. Насилството може да се пријави и анонимно. Пријавување на насилството може да се изврши и од страна на одговорни и раководни лица во институции кои вршат социјална и детска заштита, вработувањето, внатрешните работи, здравството и образованието до полициска станица или центар за социјална работа,  а во случај на семејно насилство, со кое се предизвикува непосредна опасност по животот и телото овие лица се должни да го пријават до јавно обвинителство.

Ако трпите семејно насилство и сакате да се заштите можете да го направите следното:

Подгответе свој план за безбедност

Пријавете го семејното насилство во најблискиот Центар за социјална работа и побарајте да ви ги обезбедат мерките за заштита во случај на семејно насилство

Пријавете го семејното насилство во најблиската полициска страница и побарајте да ви обезбедат заштита

1. Подгответе свој план за безбедност

Прв неопходен чекор за ваша заштита е самите да подготвите свој план за безбедност. Планот за безбедност содржи информација за тоа што треба да направите во случај на опасност од насилство, доколку сè уште живеете  во насилна заедница или доколку сте се разделиле од насилникот и постои  опасност   тој физички  да ве нападне вас и вашите блиски. При подготовката на планот за безбедност потребно е да ги преземете следниве чекори:

  • подгответе план за напуштање на домот пред да се случи насилството.  Во   таква   ситуација  потребно  е  однапред  да знаете каде ќе одите и како ќе стигнете дотаму. Тоа може да бидат роднини и пријатели кај кои ќе се засолните во случај на опасност или некоја надлежна институција што ќе ви обезбеди згрижување;
  • направете список со важни телефонски броеви и чувајте го на сигурно место. Тоа може да бидат телефонските броеви на роднини, пријатели, граѓански организации на кои можете да им се обратите во случај на опасност;
  • соберете ги  потребните  документи,  како  што  се:  лична карта, пасош, изводи од родени за децата, извод од венчани, здравствена книшка, решение од судот за изречени привремени мерки за заштита, банкарски сметки и др. Во случај на опасност и напуштање на домот ќе биде потребно да ви се на дофат за да можете лесно да ги земете со себе.

2. Пријавете го семејното насилство во најблискиот Центар за социјална работа и побарајте да ви ги обезбедат заштита во случај на семејно насилство

Центарот за социјална работа е должен да започне постапка веднаш, а најдоцна во рок од 12 часа од добиеното сознание дека е сторено семејно насилство и да преземе мерки за заштита на жртвата, согласно со проценката на ризик. Центарот за социјална работа постапката може да ја започне по добиено сознание дека е сторено семејно насилство по службена должност, по барање на жртвата, по пријава од граѓанин, службено лице, институција и здружение. Центарот за социјална работа во случаи кога како жртва се јавува дете или лице кое не е во состојба да се грижи за себе или лице со ограничена или одземена деловна способност, презема мерки за заштита, без оглед дали постои согласност на родителот или старателот.

Служениците кои постапуваат по случаите на насилство при вршењето на работите од својата надлежност се должни да прават проценка на ризик од сериозна опасност по животот и физичкиот и психичкиот интегритет на жртвата и членови на нејзино семејство, проценка на ризик од повторување на насилството со цел управување со ризикот и обезбедување мерки за координирана помош и заштита на жртвата. Проценката се прави итно во првите 12 часа од пријавувањето во соработка со жртвата според нејзините потреби.

Жртвата има право да избере било кое возрасно лице кое ќе ја придружува во текот на постапката пред надлежен орган, освен насилникот. Согласно на законот, придружникот и помага на жртвата во заштитата на нејзиниот интерес и дава поддршка во постапките пред службените лица и институциите и помага да се најде решение за нејзиниот случај и обезбедува поддршка на жртвата. Доколку служебените лица проценат дека придружникот не може да и помогне и да и даде подршка на жртвата, тогаш може да не дозовли тој/таа да ја придружува жртвата.

Центарот за социјална работа ги презема следниве мерки за заштита на жртвите (услуги):
1) обезбедува привремено згрижување;
2) обезбедува жртвата да добие потребна медицинска помош и по потреба ја придружува во најблиската здравствена установа;
3) обезбедува жртвата да оствари право од социјална и здравствена заштита согласно со закон;
4) дава соодветна психо-социјална интервенција и третман;
5) обезбедува жртвата да добие психо-социјален третман во советувалиште од стручни лица во центарот за социјална работа, здружение, советувалиште за жени жртви на насилство и други жртви на семејно насилство;
6) обезбедува помош на семејството за редовно школување на дете;
7) дава правна помош и застапување;
8) ја упатува жртвата до соодветните државни и други органи надлежни за економско јакнење на жртвата и нејзино активно вклучување на пазарот на трудот, преку надлежен центар за вработување и
9) во случај на висок ризик и преземање на итни мерки за заштита, како и кога жртвата користи услуги на привремен престој, а најдоцна во рок од 12 часа од приемот на пријавата, донесува решение за привремено доверување на грижа и воспитување на деца на родителот жртва.

Центарот за социјална работа секогаш кога има сознание дека насилството е сторено од лице кое поседува огнено оружје веднаш го известува Министерството за внатрешни работи, а најдоцна во рок од 24 часа доставува и писмено известување. Во случај насилството да е сторено од лице кое има пристап и ракува со службено огнено оружје, веднаш, а најдоцна во рок од 24 часа, доставува писмено известување до институцијата или правното лице во која лицето е вработено и за истото го известува Министерството за внатрешни работи.

Услуги за заштита и поддршка на жените жртви  на семејно насилство

Здравствени и социјални услуги
Специјализирани услуги за жртвите
Услуги на информирање и упатување
Услуга за советување
Услуга за привремен престој
Услуга за бесплатна правна помош

Здравствените и социјалните услуги се должни да ги обезбедат службените лица во институциите кои даваат здравствени и социјални услуги.

Специјализираните услуги се услуги кои одговараат на индивидуланите потреби на жртвата  соодевтно на различните видови на насилство. Специјалните услуги ги опфаќаат и децата на жртвите.

Услугите на информирање и упатување се обебедуваат 24 часа преку С.О.С линија и подрзабира телефонско советување на жените. Овој вид на услуга се обезбедува од Министерството за труд и соцвијална политка и ГО што се регистрирани како даватели на социјална заштита.

Услугите за привремен престој подразбира згрижување во центар за привремен престој, што може да биде интервентно кога жртвата трпи акутно насилство и тоа може да трае од 24  до 72 часа и привремен престој во ваков центар во времетраење од нјамногу 3 месеци со можност за продолжување до најмногу 1 година.  Сместувањето во центрите за привремен престој од најмногу 3 мсеци, односно 1 година со продолжување опфаќа и добивање на психо-социјална помоши поддршка, третман за надминување на траума, правно советување, вклучување во активни мерки за вработување и постигнување на финансиска независност, како и секоја друга услуга соодветно на потребите на жртвата. Овие услуги ги обебедува Министерство за труд и социјална политика и здруженија на граѓани регистрирани како даватели на социјална заштита.

Услугите за советување подразбираат обезбедување на психо-социјална поддршка, советување и третман, што го обезбедуваат државните институции што постапуваат по случаите на семејно насилство и/или институции или здруженија на граѓани регистрирани како даватели на социјална заштита.

Услуга за бесплатна правна помош подразбираат правна помош во однос на законски предвидените начини на заштита на жртвите на семејно насилство од страна на институциите надлежни за постапување и други видови на парвна помош и поддршка од страна на граѓански организации, зависно од нивните капацитети и можности.

3. Пријавете го семејното насилство во најблиската полициска страница и побарајте да ви обезбедат заштита

Полицијата е надлежна да обезбеди заштита на животот и личниот интегритет на жртвата на насилството и останатите членови на семејството, откривање на сторителите, попречување и сузбивање на насилството и негово превенирање. По пријавувањето на семејното насилство, полицијата има обврска да постапи со итна, навремена и ефикасна реакција за заштита на жртвите од семејното насилство и истовремено да обезбеди докази со цел успешно спроведување на судска заштита во граѓанска, прекршочна и кривична постапка.

Кој може да пријави семејно насилство

Освен жртвата лично, семејно насилство може да пријави било кој член на семејството, сосед, роднина, пријател, коле/га/шка па дури и случаен минувач кој има сознание за вршење семејно насилство.

Исто така, законска обврска за пријавување на семејно насилство во Полициска станица или Центар за социјални работи има и одговорното или раководното лице од институција која врши дејност од областа на: социјалата, образованието, здравството, внатрешни работи и вработувањето во ситуации кога располагаат со сознание дека одредено лице е жртва на семејно насилство.

Жртвата има право да избере било кое возрасно лице кое ќе ја придружува во текот на постапката пред надлежен орган, освен насилникот. Согласно на законот, придружникот и помага на жртвата во заштитата на нејзиниот интерес и дава поддршка во постапките пред службените лица и институциите и помага да се најде решение за нејзиниот случај и обезбедува поддршка на жртвата. Доколку служебените лица проценат дека придружникот не може да и помогне и да и даде подршка на жртвата, тогаш може да не дозовли тој/таа да ја придружува жртвата.

Како можете да пријавите семејно насилство

лично /непосредно во просториите на најблиската Полициска станица од страна на самата жртва или било кое друго лице кое пријавува вршење семејно насилство;

телефонски на бројот 192 или директно на телефонскиот број на надлежната полициска станица;

исто така, полицијата се смета за известена доколку првичното пријавување било упатено до Националната бесплатна мобилна СОС линијата за помош и заштита на жртви на семејно насилство (тел. броеви 070/141-700; 075/141-700 или на тел: 02/15 700)

Што е потребно да знаете за да пријавите семејно насилство во полиција

Секој облик на семејното насилство како што е физичкото, психолошкото и сексуалното насилство е недозволиво и казниво. Доколку како жртва се соочувате со некој од облиците на семејното насилство имате право на бесплатна и по службена должност судска заштита и спречување од повторување на семејното насилство во граѓанска и кривична постапка.

Кога пријавувате семејно насилство немате обврска да го дефинирате обликот на стореното насилство според кое е видот на кривичното дело. За сторител на семејно насилство се смета насилникот кој е сегашен или поранешен брачен /вонбрачен партнер/ка, момче/девојка или член на семејството со кого живеете во исто семејно домаќинство.

Начинот на пријавување на семејното насилство односно дали да пријавите лично или телефонски зависи од Вашите можности како и од степенот на итност и опасност од загрозување по безбедноста на живот.

Како да пријавите итен случај на опасност од семејно насилство

Доколку се соочувате со ризик од семејно насилство и постои сериозна опасност по вашата безбедност обидете се:

соберете ги потребните документи, како што се лична карта, пасош, изводи од венчани и роднини, банкарски картички и веднаш напуштете ја насилната средина и упатете се кон најблиска полициска станица или пак ;

пријавете го насилството телефонски на бројот 192 и информирајте ја полицијата со неопходни информации и податоци за: ваши лични податоци, адреса и телефонски број; податоци за вршителот на семејното насилство, претходни инциденти и осудуваност; дали има оружје, повредени, потреба од здравствени услуги; присуство на малолетни деца и останати податоци.

Полициските служеници што постапуваат во вашиот случај при вршењето на работите од својата надлежност се должни да направат проценка на ризик од сериозна опасност по животот и физичкиот и психичкиот интегритет на жртвата и членови на нејзино семејство, проценка на ризик од повторување на насилството со цел управување со ризикот и обезбедување мерки за координирана помош и заштита на жртвата. Проценката на ризик се прави итно во првите 12 часа од пријавувањето во соработка со жртвата според нејзините потреби.

Како да пријавите семејно насилство по критичниот настан

Во ситуација кога не се работи за итен случај, односно настанот се случил претходниот ден, потребно е што поскоро да го пријавите насилството во полициска станица. Со Вас понесете документ за лична идентификација и доколку имате медицинска документација за извршени здравствени услуги по однос на повредите нанесени како последица на семејното насилство. На пример: извештај од било која здравствена установа во која е направен медицински преглед и констатирани телесни повреди нанесени од насилникот; извештај или отпусно писмо од психијатриска установа за жената која претрпела психичко насилство од сопругот; и извештај од гинеколог за извршен преглед кај жената која претрпела семејно насилство.

Полицискиот службеник во случаи на семејно насилство, при преземањето на полициските работи и примената на полициските овластувања, оперативно-технички и превентивни мерки утврдени со Законот за полиција секогаш прави проценка на ризикот за сериозна опасност по животот и физичкиот и психичкиот интегритет на жртвата и членови на нејзиното семејство и на ризикот од повторување на насилството, со цел за заштита на жртвата, преку соодветно управување со ризикот.

Барање односно предлог за кривичен прогон против сторител на семејно насилство може да се иницира во рок од  3 (три)  месеци од  денот кога се случил последниот критичен настан.

Кога  пријавувате семејно насилство задолжително наведете:

  • податоци за сторителот/жртвата;
  • кога, каде и што се случило;
  • дали и кој е повреден-опис со хронологија на настанот;
  • дали има оружје/какво/каде;
  • дали имало закана, обид за употреба на оружјето;
  • присуство на деца или други лица-сведоци;
  • дали насилникот заминал од местото на настанот и во кој правец се упатил;
  • информации дали постои претходно изречена привремена мерка за заштита од семејно насилство;
  • има ли ризик од повторување на насилството;
  • дали и кој друг е загрозен;
  • претходни инциденти и пријави на семејно насилство (хронолошки да се опише од почеток појавата и повторувањето на семејното насилство).

Како постапува полицијата по пријава за случај на семејно насилство

Начинот на постапувањето и временскиот период во кој полицијата презема дејствија по пријава со елементи на семејно насилство не се идентични за секој пријавен случај. Секој случај е индивидуален и постапувањето е во зависност од тоа дали случајот е евидентиран како поплака или кривично дело за кое што се составува записник кој задолжително се потпишува од страна на подносителот на пријавата односно жената која претрпела семејно насилство.

Полицијата има обврска на барање на жртвата да издаде потврда за секој пријавен случај на семејно насилство без разлика дали е евидентиран како поплака или кривично дело. Сочувајте ги ваквите издадени потврди од полиција за да ги приложите како доказен материјал во судски постапки за: изрекување на времени мерки за заштита од семејно насилство, развод на брак, доверување на старателство на малолетни деца и плаќање издршка, иселување од семејниот дом и останати семејни спорови.

Пријавете насилство и тогаш кога освен вашиот вербален исказ немате да посочите сведоци или материјални докази дека се соочувате со семејно насилство. На пример, кај психолошкото насилство потешко се утврдуваат елементите на кривично дело, но сепак и по ваквите пријави како поплаки, полицијата по проценка може да го повика насилникот и да го опомене со построга кривична казна во случај на повторување на делото или пак во консултација со Јавниот обвинител веднаш да поднесе кривична пријава по службена должност.

При итен случај на семејно насилство, обврска на полицијата е веднаш да излезе на местото на настанот и да изготви извештај веднаш, а најдоцна во рок од 12 часа од интервенцијата.

Доколку насилството се уште трае, полициските службеници преземаат мерки за: обезбедување заштита на жртвите на семејно насилство и го спречуваат насилникот во понатамошното вршење на насилството; обезбедуваат лекарска помош за затекнатите повредени лица (во ваква ситуација се известува и повикува дежурна служба на ЦСР и по потреба жртвата и малолетните деца се згрижуваат на безбедно место-шелтер центар);  и обезбедување на доказен материјал од местото на настанот се до доаѓање на увидната екипа.

Заради отстранување на непосредна и сериозна опасност по животот и физичкиот и психичкиот интегритет на жртвата и членови на нејзиното семејство, се изрекува итна мерка за заштита и тоа отстранување на сторителот од домот и забрана за приближување до домот на предлог на Министерството за внатрешни работи, без согласност на жртвата.Предлогот за изрекување на итна мерка за заштита, Министерството за внатрешни работи го доставува до надлежниот суд по направената проценката на ризикот и полицискиот извештај. Оваа мерка се изрекува во траење од најмалку десет, а најмногу до 30 дена.

Доколку нема потреба од горенаведеното, се пристапува кон:

-првичен одвоен разговор со жртвата и сторителот на самото место на настанот,

-полицискиот службеник треба професионално да го води разговорот, без обвинување, стереотипи и лични предрасуди со фокус прашања за настанот а не за причините за настанот;

-задолжително да ве информира за постоечките законски решенија, сервиси и услуги за заштита а по потреба и засолнување на безбедно место;

– да ве информира кои мерки и активностити ќе бидат преземени против насилникот.

Повредите нанесени како последица на семејно насилство во форма на подливи, модрици, гребнатини се квалификувани во кривично дело Телесна повреда чл. 130 ст.2 од КЗ за кое што исклучиво е потребна Ваша согласност. Не може да се поведе кривичен прогон за кривично дело Телесна повреда од чл. 130 ст. 2 од КЗ. доколку жртвата не даде согласност за кривичен прогон на сторителот на семејното насилство. Жртвата на семејното насилство може да ја повлече согласноста односно да се откаже од кривичниот прогон во секој момент се до завршувањето на главната расправа пред првостепениот кривичен суд.

Преземање на понатамошни дејствија од страна на полицијата

Полицијата по контактот со жртвата на семејното насилство и обработените податоци и информации соработува со други надлежни институции при што:

  • Во случај на непосредна и сериозна опасност по животот и физичкиот и психичкиот интегритет на жртвата и членови на нејзиното семејство полицискиот службеник е должен веднаш, а најдоцна во рок од 12 часа од интервенцијата на настанот да го извести надлежниот јавен обвинител.
  • Полицискиот службеник е должен веднаш, а најдоцна во рок од 12 часа до надлежниот суд да достави предлог за изрекување на итна мерка за заштита – отстранување на сторителот од домот и забрана за приближување до домот и полициски извештај изготвен од полицискиот службеник.
  • Полицискиот службеник е должен веднаш, а најдоцна во рок од 12 часа да го извести надлежниот центар за социјална работа заради преземање на итните мерки за заштита на жртвата.
  • Полицискиот службеник кога ќе процени дека на самото место постои висок ризик од непосредна и сериозна опасност по животот, физичкиот и психичкиот интегритет на жртвата и членови на нејзино семејство ќе го лиши од слобода сторителот согласно со закон.

Улогата на полицијата во постапка за заштита од семејно насилство

По пријавениот случај за семејно насислтво, полицијата има законска можност да:

  • го повика и опомене насилникот дека семејното насилство е недозволиво и казниво;
  • го приведе и задржи насилникот во полициска станица доколку истиот е агресивен и насилен и согласно проценката на ризик од повторување на насилството да предложи на судот да го острани од домот;
  • да ја придружува жртвата до семејниот дом при земање на облека и лични предмети неопходни за секојдневна употреба за неа и нејзините деца;
  • обезбедува жртвата веднаш да добие соодевтна здравствена заштита;
  • привремено го одзема оружјето од сторителот и покренува постапка предвидена со закон за одземање на дозволата за оружје, дозволата за колекционерско оружје, односно дозволата за носење на оружје;
  • го повика сторителот на семејно насилство по однос на веќе судски изречените привремени мерки за заштита и го опомени за построгата казнивост и кривична одговорност во случај на нивно прекршување;
  • го контролира и повремено врши проверка на спроведувањето судски изречени привремени мерки;
  • присилно а на сопствен трошок ги спроведува пријавениот, жртвата и посочениот сведок на сослушување кај Јавен обвинител кои не се отповикале на уредно примена покана а притоа не го оправдале своето отсуство.

Секое кривично дело со елементи на семејно насилство се гони по службена должност со исклучок на кривичното дело Телесна повреда. Тоа значи дека по пријавата за семејно насилство и обезбедените докази за стореното дело, жртвата нема право да се откаже и бара повлекување на пријавата односно и без таквата согласност кривичната пријава се спроведува до Јавен обвинител.

Кои се вашите права како жртва по поднесувањето на пријавата

  • да барате од Јавниот обвинител информации за секоја фаза од постапувањето по пријавата;
  • да предложите нови докази, факти, сведоци, вештачење и слично;
  • право на жалба до Виш Јавен Обвинител во случај на отфрлње на кривичната пријава;
  • право на учество во постапката во својство на оштетена;
  • да предјавите имотно правно побарување за надомест на штета како жртва на семејно насилство со надомест на здравствени трошоци како последица на повредите од семејно насилство

 

Јавниот обвинител има обврска да постапува по поднесени кривични пријави како од државни институции така и од физички лица односно лично од самата жртва. Доколку кривичната пријава е некомплетна и не може да се оцени веродостојноста на наводите во пријавата задолжително се повикува жртвата која има право да предложи дополнителни докази ќе помогнат за понатамошно постапување по поднесената пријава.

Во ситуација кога како жртва сте ја повлекле согласноста за кривичен прогон против насилникот (само за кривичното дело Телесна повреда чл. 130 ст.2 од КЗ), тогаш за истиот критичен настан имате право на судска заштита во кривична постапка, со тоа што ќе треба да ги надоместете сите сторени трошоци во постапката.

Во текот на постапката за кривична заштита од семејно насилство жртвата на семејно насилство во својство на оштетена единствено може да влијае или да оспорува во делот на предјавеното имотно – правно побарување односно надомест на штета од страна на сторителот на семејното насилство. Тоа значи дека жртвата нема право да се жали на видот и висината на кривичната санкција со која сторителот на семејно насилство е прогласен за виновен за стореното кривично дело