Регистрација

Најава

Заборавена лозинка

Доколку сте ја заборавиле лозинката, Ве молиме внесете ја Вашата емаил адреса на која ќе Ви биде испратен линк за ресетирање на истата.


Побарај совет

Ве молиме најавете се за да побарате правен совет.
Доколку немате кориснички профил кликнете на Регистрација.

Најава

Регистрација

За да побарате совет Ве молиме да се регистрирате. Регистрација е брза, едноставна и истата има цел за заштита од спам. Внесените податоците се строго доверливи и не се споделуваат со трети страни.

За семејното насилство

Семејното насилство претставува сериозен општествен проблем  кој  загрижува со  својата  застапеност  во  нашето општество. Секоја втора жена во државата е жртва на психолошко насилство, секоја петта жена се соочува со одредена форма на физичко насилство, додека сексуалното насилство помеѓу двајца партнери сè уште е тема за која ретко се разговара во нашето опкружување.  Значајно  е да се знае дека основна причина за појавата на семејно насилство е прифатеноста на патријархалните вредности и подредената улога на жената во однос на мажот во бракот и семејството. Состојбата е поалармантна имајќи предвид дека станува збор за насилство  што се случува зад затворени врати, во нашите  домови, каде што  вообичаено треба  да се чувствуваме сигурно и безбедно.

Однесувањето на насилникот е насочено кон воспоставување на контрола врз жртвата и со цел да се прекине насилството неопходно е да се пријави и да се побара обезбедување на помош и поддршка од  страна на надлежните институции.

Под семејно насилство се подразбира малтретирање, грубо навредување, загрозување на сигурноста, телесно повредување, полово или друго психичко или физичко насилство со кое се предизвикува  чувство на несигурност,  загрозување или страв кон брачен другар,  родителите  или децата  или други лица кои живеат во брачна или вонбрачна заедница или заедничко домаќинство, како и кон поранешен брачен другар или лица кои имаат заедничко дете или се наоѓаат во блиски лични односи.

1) Митови и факти за семејното насилство

Во недостаток  на вистински факти за проблемот, помеѓу пошироката јавност се застапени одредени уверувања  или митови во однос на семејното насилство кои придонесуваат  за негова појава и опстојување во нашата држава.  Истовремено, овие верувања  придонесуваат  за: минимизирање  на значењето  на проблемот, префрлање на одговорноста на самата жртва, изнаоѓање на надворешни причини за насилното однесување на насилниците, како и прифаќање  на состојбите какви што се од страна на жртвата. Оттука неопходно е да се обезбедат податоци кои ќе овозможат  согледување на вистинска природа, димензиите и карактеристиките на семејното насилство. Ова е од особено значење за донесувањето на одлука од страна на судиите во граѓанските и кривичните постапки за заштита од семејно насилство, односно фактите  наведени  подолу треба  да  бидат земени  предвид при донесувањето  на судските одлуки и одмерувањето на казната.

Во делот кој следи опишани се фактите наспроти доминантните митови во однос на семејното  насилство кои овозможуваат согледување на неговите вистински димензии и последиците кои настануваат  како резултат на истото.

ФАКТ: Без оглед на статистичките податоци, семејното насилство е доста застапено.

Податоците   за  пријавените  случаи  на  семејно  насилство  не  ја  одразуваат реалната застапеност  на овој проблем во нашата држава.  Податоците од истражувањата за  застапеноста или „темната  бројка“ на семејното  насилство укажуваат    на   неговата    широка   распространетост   во   нашето   општество, која  е  доста  поголема  доколку  се направи  споредба  со  пријавените  случаи.

Треба да се земе предвид дека поради низа причини жртвите не се одлучуваат да го пријават семејното насилство и да се обратат  за помош.

ФАКТ: Семејното насилство претставува сериозен општествен проблем…

Последиците од семејното насилство ги погодуваат различните сегменти од социјалниот живот, како што се зголемените трошоци за здравствени услуги, зголемените трошоци за службите во рамките на ЦСР, судството итн. Понатаму, последиците од насилството не се одразуваат само врз жртвата, туку и врз децата сведоци на насилството за кои постои поголема веројатност да го продолжат циклусот на насилството.

ФАКТ: Повеќето од жртвите се во поголема опасност откако ќе го напуштат насилникот.

Според истражувачки  податоци  повеќе  од половина од пријавените  случаи на семејно насилство ги извршиле партнери кои претходно биле напуштени од страна на жртвите. Овој податок укажува на тоа дека тогаш жртвите се похрабри да го пријават  насилството  во полиција или други институции, меѓутоа  истовремено постои голема веројатност насилството да продолжи по напуштањето на насилникот. Оттука, во случај кога е иницирана граѓанска или кривична постапка за заштита на жртвите на семејно насилство, неопходно е судовите да посветат доволно внимание на прашањето  за безбедноста на жртвите.

ФАКТ: Насилникот го предизвикува насилството и тој е одговорен за своето насилно однесување.

Овој мит се темели на уверувањето  дека нешто не е во ред со жената  жртва на семејно насилство (на пр. таа  е неуредна, не ги завршила  домашните  обврски, постојано приговара нешто) и дека на некој начин таа го заслужува насилството. Овде  спаѓаат  уверувањата дека  насилникот бил насилен  само  затоа  што бил испровоциран од жртвата.  Ова уверување  придонесува  вината  за  насилството кое  се случило да  биде префрлена  на самата  жртва.  Меѓутоа, она  што треба да се знае  е дека  не е пресудно што прави жртвата,  туку насилникот е тој кој што се однесува  насилно и настапува  од позиција на моќ во однос на жртвата. Повеќето  жртви на семејно  насилство  прават  се за  да  го сопрат  насилството, меѓутоа насилниците се оние кои не го променуваат своето насилно однесување.

ФАКТ: Растењето   на  децата   во  таква  средина  ги учи и  тие  да  бидат насилни.

Ова е едно  од типичните уверувања  поради  кои жените  предолго  остануваат во  насилните  врски  и поради  кои не  ја  добиваат  неопходната  поддршка  од заедницата за  напуштање  на насилната  заедница.  Неспорно е дека  на децата им е потребен татко, меѓутоа растењето  во насилна средина резултира во низа штетни последици  по емоционалниот  и социјалниот  развој  на децата.  Оттука, во судските постапки за заштита од семејно насилство семејниот статус на насилникот не треба да биде земен како олеснителна околност при донесувањето на судската одлука. Единствено отстапување  од ова е можно само во ситуација кога  станува  збор  за  изолиран  инцидент на насилство  и кога  децата  не биле сведоци  на  насилството,  и тоа  во  ситуација  кога  насилникот  е  единствениот издржувач на семејството.

ФАКТ: Заканата претставува  специфичен облик на малтретирање.

Без   сомнение  заканата  претставува   облик  на  емоционално   малтретирање и влијае на  создавање на  односи  кои се  темелат  на  страв  и послушност на жените. Оттука, во судските постапки за заштита од семејно насилство заканите треба  сериозно да се земат предвид при оценувањето  на фактите поврзани со насилството. Ова е од особено значење  за правилно согледување на степенот на ризик по животот и здравјето на жртвите на семејно насилство.

ФАКТ: Физичкото    насилство    во   партнерските    односи    најчесто    се повторува.

Некој ќе  рече  „Па и мажот  може  еднаш  да  изгуби трпение” или „Под голем притисок е, сигурно нема  да  го повтори насилството”, сепак  фактите  не одат во прилог на овие констатации.  Напротив, податоците  укажуваат  на тоа  дека доколку насилникот не побара стручна помош, најчесто насилството се повторува. Оттука, неопходно е судиите во граѓанските  и кривичните постапки за заштита на жртвите на семејно насилство да земат предвид дека семејното насилство се случува во континуитет подолг временски период и истото треба да се оценува како отежнителна  околност при донесувањето  на одлука. Исто така, одредени специфични форми на физичкото насилство, како што се давењето и употребата на оружје треба да бидат земени како посебно отежнувачки околности од страна на судот.

2) Облици на семејно насилство

Семејното насилство претставува родово засновано насилство кое согласно дефиницијата   усвоена   во  нашето   законодавство  подразбира    психолошко, физичко, сексуално и економско насилство. Од особено значење  за разбирање на  проблемот  е  да  се  напомене  дека   основа  за  појава   и  опстојување   на семејното насилство се нееднаквите  односи помеѓу мажот и жената  во бракот и семејството, при што најчесто во улога на жртва се јавуваат жените. Насилството исто така  може  да  биде  насочено  кон децата  или други лица  кои живеат  во заедничко домаќинство.

Психолошкото  насилство  е најзастапената форма  на семејното  насилство во нашата држава.  Како резултат на широката прифатеност на традиционалните  и патријархални ставови во нашето општество, постои тенденција за минимизирање на сериозноста  на  психолошкото насилство  и покрај  штетните  последици  по животот и здравјето на жртвата.  Оваа  форма  на семејното  насилство најчесто се манифестира  преку: контрола на жртвата  и инсистирање да знае каде е цело време, изолирање  и забрана  на контакти со роднините и пријателите, претерана љубомора, заплашување,  заканување дека ќе ја повреди, понижување итн. Законски овој вид на насилство е дефиниран на следниот начин: „Психичко насилство“ е секое однесување со употреба на присилба, заплашување или закана, кое предизвикува чувство на страв, загрозеност, вознемиреност или повреда на достоинството и психичкиот интегритет на жртвата;

Физичкото  насилство  подразбира  употреба на физичка сила или закана дека истата ќе биде употребена. Овој облик на семејното насилство се манифестира преку:  туркање,   влечење,   удирање   на   шлаканици,   фрлање   на   предмети, користење на оружје при насилството, нанесување  на изгореници. Законски овој вид на насилство е дефиниран на следниот начин: „Физичко насилство“ е секое дејствие на примена на физичка сила или дејствие со кое се нарушува здравјето и телесниот и психичкиот интегритет на жртвата.

Сексуалното  насилство кое честопати се одвива паралелно со физичкото насилство  се манифестира  преку: силување,  несакан  сексуален  однос, понижувачки сексуален  однос, присила на гледање  на порнографски  филмови и подведување. Законски овој вид на насилство е дефиниран на следниот начин: „Сексуално насилство и силување“ е секое дејствие од сексуална природа, со кој било телесен дел или предмет, на телото на друго лице без негова/нејзина согласност. Сексуално насилство постои и кога се наведува или присилува друго лице да се вклучи во дејствија од сексуална природа со трето лице без негова согласност. Согласноста мора да е изразена доброволно како резултат на слободната волја на лицето, проценета во контекст на околностите.

Економското  насилство најчесто се манифестира преку скратување  и/или одземање на финансиските средства, неплаќање  на алиментација, како и преку сите други облици на одземање на средствата за живот. Законски овој вид на насилство е дефиниран на следниот начин: „Економско насилство“ е секое дејствие на ограничување или спречување во остварување и/или располагање со лични приходи и финансиски средства, за одржување на заедничкото домаќинство и за грижа на детето, со што се предизвикува економска зависност на жртвата.

3) Динамика на семејното насилство

Кај случаите на долготрајно семејно насилство утврдени се одредени карактеристики кои се однесуваат  на динамиката, односно на циклусот на семејното   насилство.  За оние кои работата на ова прашање и за судиите  кои  одлучуваат   во  предмети  поврзани  со семејното насилство од особено значење  е да ја разберат динамиката на насилството, со цел соодветно  согледување на неговите вистински димензии и одмерување на казната.

Поединечните акти на насилство врз жената  не се изолирани и случајни настани на губење  контрола.  Напротив,  тие  епизоди  се  дел  од  сложен,  континуиран образец  на однесувања,  во кој насилството  е составен  дел  на динамиката  на релациите. Малтретирачкиот  однос  е примарно  обележан  со моќ и контрола. Насилните партнери сметаат  дека имаат право на потполна моќ врз жената, при што начините на постигнување моќ и контрола  се претходно опишани. Сосема спротивно, ненасилните релации претставуваат почитување, доверба, поддршка, искреност, партнерство и одговорно родителство.

Со текот на времето  насилството не се намалува. Напротив, станува сè почесто и  побрутално. Насилството  и  малтретирањето  можат  да  почнат  со  развојот на врската, по стапувањето  во брак, по раѓањето на првото дете  или дури по неколку години заеднички живот.

Насилниците  што  еднаш  извршуваат   насилство  врз  жртвите,  најчесто  така и продолжуваат. Доколку нивното насилно однесување не предизвика  за  нив негативни последици,  насилството, неговата   зачестеност и  интензитет  ќе  се засилуваат.  Во случаите на долготрајно  семејно насилство се забележува дека постои циклус од три фази, кои се разликуваат  во траењето  и интензитетот на насилството.

Циклус на семејното насилство

Прва фаза:  Растечка  напнатост

Напнатоста меѓу партнерите расте и жената  е свесна дека нападот е неизбежен. Оваа фаза  ја карактеризира појава на помали инциденти и обиди на жената  да ја смири ситуацијата.

Втора фаза:  експлозија (настанување) на насилство

За време на насилството, чие траење  може да биде различно, доаѓа до неконтролирано  ослободување  на напнатоста акумулирана во првата фаза. Потоа кај жената  се јавуваат шок, негација  и неверување.  Таа обично во оваа фаза  не бара помош, освен ако не е тешко повредена  и вообичаено се враќа кај партнерот веднаш по примената помош.

Трета фаза:  Жалење  и извинување

Дел од насилниците во оваа  фаза  покажува згрозување и каење  поради своите постапки. Често своето однесување го оправдуваат со нервоза поради работата, пиењето, однесувањето на децата и сл. Подготвени се да се заколнат дека насилството нема никогаш да  се повтори. Оттука, каењето  на насилникот или променетиот став на жртвата  не треба  да се зема како олеснителна околност при одлучувањето на судиите во постапките за заштита од семејно насилство.

4) Карактеристики на жените што претрпеле семејно насилство и сторителите на семејно насилство

За соодветен одговор на семејното насилство, лицата што постапуваат по ова прашање и судиите треба да ја имаат предвид специфичната состојба во која се наоѓаат жртвите, а која е последица на континуираното трпење на насилството. Исто така, треба да се земе предвид дека постојат различни типови на насилници од кои секој има воспоставено шема на однесување. Жртвите и насилниците споделуваат многу заеднички обележја – од ниско самопочитување до низа ирационални уверувања. Нагласувањето на сличностите нема за цел да се намали одговорноста на сторителите на семејно насилство, туку има за цел општественото делување да го насочи не само кон жртвата, туку и кон насилниците. Тие треба да бидат поттикнати да ја преземат одговорноста за своето насилно однесување и да усвојат ненасилни начини за изразување на емоциите и покажување на сопствената моќ.

Карактеристики  на жените жртви на семејно насилство

  • Ниско самопочитување   со  потценување   на  сопствените  способности  да преземат  нешто;
  • Веруваат во сите митови за насилните односи;
  • Имаат ирационални ставови за родовите улоги во семејството;
  • Веруваат дека  можат  да  го спречат  бесот  на насилникот и ја прифаќаат одговорноста  за неговите постапки;
  • Покажуваат сериозни стресни реакции и психосоматски тешкотии;
  • Го користат сексот како начин на воспоставување на блискост;
  • Веруваат дека  никој не може  да  им помогне во решавањето на тешката ситуација;
  • Долготрајно поднесуваат  страдање,  фрустрираност, пасивно го прифаќаат однесувањето  на насилникот со насочување  на лутината кон себе;
  • Имаат неограничена трпеливост во очекување  на „волшебна комбинација“

за решавање  на брачните проблеми и насилство;

  • Постепено влегуваат   во  социјална   изолација,   вклучувајќи  и  загуба   на контактот со семејството и пријателите
  • Безуспешни се во уверувањето на партнерот за својата лојалност и немоќни се пред обвинувањата дека се однесуваат  „заводливо“;
  • Постепено го  губат  чувството  за  сопствените  граници, неспособни  се  за процена на заканата, прифаќаат  вина;
  • Веруваат дека привременото прифаќање на насилството води до долготрајно решавање на проблемот;
  • Имаат претходна историја на малтретирање во семејството, како очевидци или како директни жртви;
  • Учествуваат во воспоставување на хиерархија при определувањето кое е прифатливо ниво на насилство и за какви „пропусти“;
  • Често размислуваат за самоубиство, имаат историја на обиди за самоубиство, чести желби партнерот да е мртов, изложеност на убиство во самоодбрана;
  • Прифаќаат децата да се заложници на односите, имаат чувство на немоќ да ги заштитат децата.

Карактеристики  на сторителите на семејно насилство

  • Веруваат во сите митови за насилни односи;
  • Уверени се во и ги застапуваат традиционалните ставови за машката супериорност, стереотипен поглед на машката улога во семејството;
  • Ги обвинуваат другите за сопственото однесување;
  • Манифестираат сериозни стресни реакции, за соочување со стресот користат алкохол и насилство;
  • Често го користат сексуалниот однос како акт на насилство;
  • Сметаат дека заради насилството не треба да трпат никакви негативни последици;
  • Манифестираат слаба  контрола  на импулсите, низок праг  на фрустрации, експлозивни  се  и непредвидливи,  лесно  „влегуваат“  во  бес,  постојано  ја изразуваат,  но и прикриваат лутината;
  • Не се способни за  одложување на  задоволството, поради  што се  силно ориентирани на „сега“;
  • Го опишува контактот со партнерот како најблизок од кога и да е, останува во контакт со своето семејство;
  • Нагласено се  љубоморни, контролирачки,  често  обвинуваат  за  неверство, искажуваат  нагласен страв од отфрлање  или „неверство“;
  • Ги рушат  личните  граници  на   партнерката,   отфрлаат   одговорност   за брачните, семејните или работните неуспеси или своето насилно однесување, немаат  чувство на вина;
  • Веруваат дека  заканувачкото однесување го чува семејното  јадро  и дека тоа го прават за доброто на семејството;
  • Имаат претходна историја на насилство во семејството, како деца сведоци на насилството на татковците или и самите биле жртви;
  • Учествуваат во воспоставувањето на хиерархијата на насилството;
  • Воспоставуваат контрола  над партнерката со закани  дека  ќе се самоубие кога таа се обидува да го напушти;
  • Често ги користат децата како заложници и начин на контрола во врската.

5) Последици од семејното насилство

Семејното насилство сериозно го погодува психичкиот и физичкиот интегритет на жртвата и последиците од насилството земаат загрижувачки димензии. Од аспект на постапување во случаите на семејно насилство, од особено значење е оние што постапуваат да бидат запознаени со последиците од насилство, односно да ја земат предвид посебната физичка и психолошка состојба во која се наоѓа жртвата на семејно насилство.

Физички последици од семејното насилство

  • Повреди на лице;
  • Повреди на градниот кош, градите и абдоменот, односно деловите од телото покриени со облека;
  • Крвни подливи и гребаници на телото;
  • Дислокации, фрактури од удар, фрактури;
  • Изгореници од различен степен;
  • Повреди од нож или други повреди; Внатрешни повреди (крварење);
  • Видливи знаци на давење на вратот (прсти, жица, колан, пешкир);
  • Заби извадени со удар;
  • Повреди на ушното тапанче;
  • Повреди на гениталиите.

Психолошки последици од семејното насилство

  • доживување на страв (за себе, за својот живот, за животот на саканите луѓе);
  • напнатост, немир, чувство на слабост;
  • чувство на срам;
  • чувство на вина;
  • самозапоставување;
  • губење самодоверба;
  • невротски реакции (депресивност, анксиозност, напади на паника);
  • нарушувања на спиењето (несоница, ноќни кошмари);
  • нарушувања во исхраната (анорексија, булимија, дехидрираност);
  • злоупотреба на алкохол и дроги;
  • проблеми со концентрацијата;
  • дезориентираност и чувство на расеаност.

6) Децата како сведоци на континуирано насилство во семејството

Децата  кои растат  во семејства  во кои се случува семејно  насилство, секогаш се  жртви,  без  оглед  дали  биле  директно  изложени  на  насилство  или  биле сведоци на континуирано насилничко однесување.  Изложеноста  на насилството кое се одвива  помеѓу родителите  директно  влијае  на развојот  на детето  и се рефлектира  преку низа непосредни и долгорочни последици и тешкотии во животното приспособување на детето. Најчести непосредни последици се анксиозноста и депресивноста, тешкотии во текот на школувањето, агресивност, кражби, злоупотреба на дроги, ниско самопочитување. Кај овие деца, значително почесто се присутни психосоматски и соматски тешкотии: главоболки, мокрење в кревет, различни инфекции и сл., кои неретко доведуваат до хоспитализација.

Ефектите од изложеноста  на насилство  се менуваат  во зависност  од возраста на детето. Кога детето е сведок на малтретирање на мајката, тоа има намалено чувство за сопствената  вредност, анксиозно е и уплашено, а светот го доживува како несигурно и непријателско место. Во зависност од возраста и степенот на развој, со таквата  ситуација, детето ќе се соочува на различни начини:

Дете на претшколска возраст, не умее детално да го вербализира насилството на кое било сведок, поради што треба да се внимава на други знаци:

  • телесни симптоми (болки во стомакот, главоболки);
  • нагласена вознемиреност во ситуации на разделување од мајката;
  • мокрење в кревет, несоодветно за возраста;
  • нарушување на спиењето  (несоница, зголемен  страв од темница, отпор да се оди на спиење);
  • забавен телесен развој;
  • повлеченост;
  • недостаток на доверба  во возрасните;
  • страв од определена личност или определен пол;
  • автодеструктивно однесување и агресивност;
  • во интеракциите доминира темата на моќ и контрола;
  • претерана услужливост и желба да се угодува;
  • страв и одбивање на добронамерен допир.

Детето  на  школска  возраст,   во  зависност  од  степенот  и зачестеноста  на насилството  на кое било сведок, како и во зависност  од неговата  позиција во семејството, може да покажува:

  • постојани жалби за телесни болки;
  • однесувања за кои бара одобрување;
  • повлеченост, пасивност, потполна послушност;
  • ниска толеранција на фрустрации или бесконечна трпеливост;
  • пречесто делува како „мајкин мал помошник“ или „помошник на наставникот“;
  • испади на бес;
  • зачестени судири со браќата/сестрите или врсниците во училиште;
  • агресивно малтретирање на други деца.

Децата  кои се изложени на насилство можат  да покажуваат  крајно спротивни однесувања.  Некои од нив може да имаат  одлични постигнувања  на училиште, перфекционистички стандарди (развиени како последица на стравот од неуспех), претерана  одговорност  („стар-мали“ деца)  – овие  карактеристики  најчесто  се забележуваат кај  најстарото  дете  во  семејството.  Од  друга  страна,  во  исти околности,  некои  деца  може  да  покажуваат   сосема  спротивни  однесувања, како периоди на нарушена концентрација и слаб успех на училиште, невештост, наклонетост кон незгоди и повреди, покажуваат  страв од одење  на училиште и развиваат слика за себе како неуспешни ученици.

Во адолесценцијата, најчести последици, како и знаци на изложеност на насилство помеѓу родителите се:

  • бегство во дрога или алкохол;
  • бегање од дома (или поминување многу малку време во домот);
  • суицидални мисли или обиди;
  • хомицидални мисли или обиди;
  • криминални дела, кражби или продавање дрога;
  • песимизам во поглед на задоволување на базичните потреби за сигурност, љубов и припаѓање;
  • ниско самопочитување;
  • тешкотии во релациите со врсниците;
  • намалено сочувствување со жртви;
  • тешкотии во когнитивното и училишното функционирање;
  • бегство во рана бременост.

Доживувањето  на насилство  во детството,  често придонесува  кон насилничко однесување во подоцнежниот  период. Децата  кои биле сведоци  на насилство помеѓу родителите кога ќе пораснат почесто се насилни кон своите партнери или кон сопствените деца. Освен тоа, изложеноста  на насилство во семејството има големо влијание на развојот  на родовиот идентитет, при што, момчињата  лесно се идентификуваат со улогата на насилник, а девојчињата со улогата на жртви.

Изложеноста   на  насилство  врз  мајката   влијае  и на  развивање на  различни уверувања кои придонесуваат кон пренесување  на насилството од генерација на генерација.  Утврдено е дека  детето  кое е сведок на малтретирање врз мајката или друга значајна  женска  личност (баба, тетка, маќеа)  најверојатно  ќе смета дека:

  • прифатливо е мажите да ги удираат жените;
  • насилството е делотворен начин за решавање  на проблемите;
  • во ред е да се удри некој ако си лут или вознемирен;
  • нерамноправноста во односите е нормална – машките се јаки и имаат моќ и контрола над жените кои се слаби;
  • негативните последици од насилството се мали или не постојат;
  • тоа (детето) е одговорно за малтретирањето и треба да се чувствува виновно;
  • тоа е одговорно  да  го сопре  малтретирањето со тоа  што ќе ја „заштити“ мајката  или ќе се „спротивстави“ на таткото.

7) Ефикасно помагање на децата изложени на семејно насилство

Во целост гледано,  податоците  упатуваат  на заклучок дека  децата  кои растат во насилно семејно  опкружување  и самите  стануваат  насилни како  возрасни. Виктимизацијата во детството го зголемува ризикот од малтретирање на сопствените деца,  но исто така  истражувањата покажале  и дека  патот помеѓу овие  две  точки не е ниту рамен,  ниту неизбежен.  Околностите кои можат  да придонесат  кон прекинување  или продолжување на меѓугенерацискиот  синџир на  малтретирање,  најнапред   се  однесуваат   на  социјалната   поддршка  која личноста, малтретирана во детството,  ќе ја добива  кога ќе стане  возрасна  во своето  потесно  и пошироко опкружување.  Ова  се  однесува  на поддржувачки брачен партнер, економска  сигурност во семејството,  припадност кон верските заедници, помалку стресни доживувања во животот, како и користење на советување  или психотерапија. Многу е важно како се реагира кога ќе се открие дека детето  е изложено на насилство врз мајката  и што се презема  за да му се обезбеди  искуство на емоционално поддржувачки релации.

За да се овозможи успешно помагање и зајакнување на децата што биле сведоци на семејно насилство потребно е:

  • да им се обезбеди простор во кој ќе се чувствуваат безбедно да зборуваат за тоа што им се случило. Помалите деца често имаат тешкотии во вербалното изразување на емоциите, поради што најчесто цртежот е облик што им се нуди за  полесна  експресија.  Детето  не смее  да  се присилува да  зборува, тоа ќе го направи тоа, но во време кое нему ќе му одговара.  Потребно е да се креира  атмосфера на доверба  во која детето  со текот на времето  ќе си дозволи да ги изрази емоциите;
  • не треба да се даваат ветувања дека  „ќе се чува тајна“ за она што детето ќе го каже, бидејќи може да се случи детето и самото да било изложено на насилство и тогаш „тајната“ не смее да се чува. Наместо тоа, на детето му се кажува дека е сигурно и дека ако има нешто за што сака да зборува,  ќе му се помогне;
  • на детето му се кажува дека тоа не е виновно за случувањето на семејното насилство;
  • доколку детето покажува насилно однесување, многу е важно да се заземе став против насилството, во сите можни облици и форми. Треба да се има предвид дека повеќето деца што страдаат од пост-трауматско стресно нарушување ќе имаат изливи на неконтролирана агресија, и оттука, нивното „насилство“ не е знак  дека  и „тие се насилни како  нивните татковци“. Во такви случаи, потребно е на детето да му се овозможи простор да ги изрази својата  лутина и други чувства  на безбеден  начин. На овие деца  не им е потребно да се „дисциплинираат“, туку имаат потреба да бидат разбрани;
  • потребно е  на  детето   да   му  се  остави   одредено   време   за   отворено споделување   на  искуството,  имајќи  предвид   дека   неговата   доверба   е сериозно нарушена поради случувањата во домот и
  • исто така,  треба  да  умее  да  препознае   кога  на  некое  дете што  било  сведок  на  семејно  насилство  му е  потребна  помош  од  други професионалци и да му се овозможи таквата  помош.