Регистрација

Најава

Заборавена лозинка

Доколку сте ја заборавиле лозинката, Ве молиме внесете ја Вашата емаил адреса на која ќе Ви биде испратен линк за ресетирање на истата.


Побарај совет

Ве молиме најавете се за да побарате правен совет.
Доколку немате кориснички профил кликнете на Регистрација.

Најава

Регистрација

За да побарате совет Ве молиме да се регистрирате. Регистрација е брза, едноставна и истата има цел за заштита од спам. Внесените податоците се строго доверливи и не се споделуваат со трети страни.

Судска заштита

Судската заштита ја сочинуваат кривичната постапка, која се иницира против  сторителите  за сторени кривични дела како резултат на семејно насилство, како и граѓанската постапка за изрекување на привремени мерки за заштита.  Доколку имате потреба може паралелно да се поведат двете судски постапки за ваша заштита.  Целта на кривичната постапка е да се казни насилното однесување и да се спречи насилникот во иднина да врши насилство, додека цел на постапката за изрекување на ПМЗ е вам да ви обезбеди непосредна и брза помош и заштита.

Кривична дела под кои мое да се поведат случаите на семејно насилство и кривична постапка против насилникот

Побарајте изрекување на привремените мерки за заштита од страна на судот

Останати судски постапки што се поврзани со разрешување на семејното насилство

1) Кривична дела под кои може да се поведат случаите на семејно насилство и кривична постапка против насилникот

Семејното насилство е недозволиво и казниво. Кривичната  постапка  се  поведува против  насилниците  при што се казнуваат сите форми на семејно  насилство:  физичко, психолошко и сексуално и се предвидени построги казни за сторителите на кривични дела што се случиле како резултат на семејно насилство.

Она што е карактеристично  за казнено – правниот  систем на заштита е издвојувањето на семејното насилство како посебен вид на криминал и пропишување на построга казнена  политика за овие кривични дела. Во нашиот кривичен законик  пропишани се  построги  казни  за  кривичните дела  сторени како резултат  на семејно насилство споредбено  со основните кривични дела  и кривичните постапки по однос на нив се иницираат по службена должност.

Под семејно насилство, според КЗ (Кривичен законик), се подразбира малтретирање, грубо навредување, загрозување на сигурноста, телесно повредување, полово или друго психичко или физичко насилство со кое се предизвикува чувство на несигурност, загрозување или страв, спрема брачен другар, родители или деца или други лица што живеат во брачна или вонбрачна заедница или заедничко домаќинство, како и спрема поранешен брачен другар или лица што имаат заедничко дете или се наоѓаат во блиски лични односи. Кривичниот законик ги регулира сите три видови на семејно насилство, односно физичкото, психичкото и сексуалното.

КРИВИЧНИ ДЕЛА ПОД КОИ МОЖАТ ДА СЕ ПОВЕДАТ СЛУЧАИ НА СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО

Психолошкото насилство се санкционира со кривичните дела:

Присилба  од  чл. 139  ст.  2  од  КЗ, за  кое  законодавецот запретува казна затвор од 6 месеци до 3 години. Ова кривично дело го врши тој што со сила или со сериозна  закана ќе присили друг да стори или да не стори или да трпи нешто. Ваквото битие на ова кривично дело јасно зборува дека  во конкретниот случај насилникот со сериозна  закана влијае  на формирањето  на волјата  на жртвата  на семејно  насилство  или врз нејзината   реализација  па  жртвата   на  семејно  насилство  како  резултат   на ваквата  сериозна закана се одлучува да направи нешто или прави нешто надвор од својата волја и доколку од страна на насилникот немало сериозна закана врз жртвата  на семејно насилство, истата таквите одлуки немала да ги донесе. Како резултат на сериозната закана жртвата  на семејно насилство од страна на насилникот може да биде принудена и да трпи нешто.

– Противправно  лишување  од  слобода од  чл. 140  ст. 2 од  КЗ, за кое законодавецот запретува  казна затвор од 6 месеци до 3 години. Ова кривично дело го врши тој што друг противправно ќе го затвори, ќе го држи затворен или на друг начин ќе му ја одземе или ограничи слободата  на движење. Насилникот го врши ова  кривично дело  врз  жртвата  на семејно  насилство  со затворање на истата против нивната волја или со држење  на жртвата  на семејно насилство  затворена или ќе и ја одземе  или ограничи слободата  на движење односно  доколку  жртвата   на  семејно  насилство  користи  помагала   за  свое движење  најчесто насилникот и ги одзема  таквите помагала  па истата  не е во состојба да се движи или пак насилникот на жртвата  на семејно насилство и ја ограничува слободата  на движење  на начин што најчесто не и дава  жртвата  на семејното насилство да ги посетува своите најблиски, најчесто родители, браќа и сестри или пак блиски пријатели и пријателки од нивната  работна  средина  – насилникот и диктира на жртвата  со кого да се дружи а со кого не.

– Загрозување  на   сигурноста   од   чл.  144   ст.  2   од   КЗ,  за   кое законодавецот запретува  казна затвор од 3 месеци до 3 години. Ова  кривично дело  го врши тој што ќе  ја  загрози  сигурноста на  жртвата  на семејно  насилство  со сериозна  закана дека  ќе нападне  врз животот  и телото на жртвата  на семејното насилство или врз животот и телото на нејзино блиско лице. Битно за кривичната одговорност на насилникот со преземените  дејствија е насилникот кај жртвата  на семејно насилство со својата  сериозна  закана да предизвика  чувство на несигурност и страв по нивниот телесен  интегритет или по телесниот интегритет на нивни блиски лица.

Физичкото насилство се санкционира со кривичните дела:

Убиство чл. 123  ст. 2 т. 2 од КЗ, за кое законодавецот запретува казна затвор од најмалку 10 години или доживотен затвор. Ова  кривично дело  го врши „Тој што друг ќе лиши од  живот  при вршење  на семејно насилство“. Ова кривично дело законодавецот го дефинира со употреба на општа формулација, како лишување од живот друг, при вршење на семејно насилство. Истото преставува  квалифициран вид на убиство. Дејствие на извршување  на ова кривично дело е секое дејствие на насилникот, со кое се предизвикува смрт на жртвата  на семејно насилство. Последица  од  извршување  на  ова  кривично дело  се  состои  од  настапување на смрт на жртвата  на семејно насилство. Делото е довршено со моментот на настапување   на  смртта.  Помеѓу дејствието  на  извршување  и  последицата   – смртта, треба да постои причинска врска. Кривичното дело се врши со директна или евентуална умисла. Мотивот за извршување на кривичното дело не е составен дел на битието на ова кривично дело, меѓутоа истиот може да преставува отежнувачка околност при одмерување на казната  спрема сторителот.

– Тешка телесна повреда од чл. 131  ст. 2 од КЗ, за кое законодавецот запретува  казна затвор од 1 до 5 години. Овде кривично дело го врши тој што друг тешко телесно ќе повреди или здравјето тешко ќе му го наруши – насилникот на жртвата  на семејно насилство и нанесува тешка  телесна  повреда  или тешко  нарушување  на  здравјето на  жртвата   на семејно насилство.

– Убиство на миг чл. 125  од КЗ, за кое законодавецот запретува  казна затвор од една до пет години. „Тој што друг ќе лиши од живот на миг, доведен  без своја вина во состојба  на силна раздразнетост, со напад или со тешко навредување или како последица на семејно насилство од страна на убиениот“. Ова  кривично  дело   спаѓа   во  групата   на  привилегирано  убиство.  Посебна околност што на ваквиот вид на убиство му дава привилегиран вид е последната субјективна  состојба  на раздразнетост на жртвата  на семејно  насилство, која раздразнетост е предизвикана  од страна на насилникот. Се работи за ситуација на активен придонес на насилникот – поводот за убиството потекнува од него. Во основот за поблаг третман е посебната психичка состојба во која запаѓа  жртвата на семејно насилство како последица на однесување на насилникот. Битието на ова кривично дело се состои во лишување од живот на друг – жртвата на семејно насилство го лишува од живот насилникот. Жртвата на семејно насилство го лишува насилникот во состојба  на силна раздразнетост. Жртвата на семејно насилство е доведена во таква состојба без своја вина, со напад или тешко навредување од страна на насилникот – убиениот. Блиско на ситуација на „Убиство во миг“, е убиство извршено со пречекорување на границата  на нужна одбрана. Основна разлика  е во истовременоста  на нападот и одбраната кај нужната одбрана,  а додека  кај убиството на миг, лишување од живот на насилникот од страна на жртвата на семејното насилство може да следи и по нападот. Кај убиството на миг не мора да постои пропорционалност помеѓу интензитетот  на нападот  и реакцијата на жртвата  на семејно  насилство. Кога сите објективни и субјективни елементи на пречекорување на нужната одбрана и убиството на миг се поклопуваат, делото ќе се квалификува како убиство на миг, а ќе се применат и одредбите за пречекорување на нужна одбрана. Кривичниот прогон за овој вид на кривично дело се врши по службена должност, делото се врши со умисла.

– Телесна повреда чл. 130  ст. 2 од КЗ, за кое законодавецот запретува казна затвор од 6 месеци до 3 години. Ова кривично дело го врши тој што друг телесно ќе повреди или ќе му го наруши здравјето.  Најчесто насилникот физички ја напаѓа жртвата  и и`  нанесува телесни повреди или пак ја омаловажува, навредува, игнорира и слично, при што жртвата запаѓа   во  една   посебна  психичка  состојба  односно  се  нарушува  нејзиното здравје.  За  ваквото  поведение  законодавецот предвидува  парична  казна  или казна затвор до 3 години.

– Тешка телесна повреда од чл. 131  ст. 6 од КЗ, за кое законодавецот запретува  парична казна или казна затвор до 3 години. Во кривичното дело од чл. 131 ст. 6 од КЗ, законодавецот ја повластува жртвата на семејно насилство доколку истата посегне по насилникот во состојба на силна раздразнетост предизвикана  во миг без вина на жртвата на семејното насилство и доколку жртвата тешко телесно го повреди насилникот. Законодавецот јасно им става  на знаење  на насилниците дека доколку истите вршат семејно насилство, жртвата  на семејно насилство може да биде доведена во една состојба на силна раздразнетост и во таква  состојба  истата  може  да  преземе  дејствија  со кои насилникот ќе биде тешко телесно повреден, меѓутоа  во таков  случај жртвата на семејно  насилство  нема да одговара  за  основниот вид на кривичното дело тешка телесна  повреда  од чл. 131  ст. 1 од КЗ, туку ќе одговара  за  таканаречен привилегиран вид на овој вид на кривично дело.

Сексуалното насилство се санкционира со кривичните дела:

– Силување од чл. 186  од КЗ.  Во  битието  на  ова  кривично  дело  е  предвидено   дека   жртвата   на  семејно насилство  е  слободна  при  одлуката   за  полово  општење  или  други  полови дејствија  и доколку жртвата  на семејно  насилство  не сака  да  има обљуба  со својот сопруг или вонбрачен другар таквата  нивна одлука од сопствениот брачен или вонбрачен  другар  треба  да  биде  почитувана  а  доколку  насилникот не ја прифатил таквата  волја  на жртвата  на семејно  насилство  чини кривично дело силување од чл. 186 од КЗ.

Обљуба со злоупотреба на положбата од чл. 189 ст. 2 од КЗ законодавецот предвидува казна затвор од најмалку 10 години. Ова кривично дело го врши тој што при вршење на семејно насилство ќе изврши обљуба или друго полово дејствие со дете кое наполнило 14 години кое му е доверено заради учење, воспитување, чување или нега.

–  Посредување при вршење на проституција  од чл. 191  ст. 4 од КЗ, за кое законодавецот запретува  казна затвор од најмалку 10 години. Ова кривично дело го врши „Тој што врбува, наведува, поттикнува, или намамува лице на проституција или тој што на кој и да е начин учествувал во предавање на  лице  на  друг  заради   вршење  на  проституција,  заради   заработувачка му овозможи на друг користење на сексуални услуги, заради заработувачка со сила или сериозна  закана за употреба на сила ќе присили или со измама  ќе наведе друг на давање сексуални услуги при вршење на семејно насилство“.

Останати кривични дела:

Жртвите на семејно насилство индиректно законодавецот ги штити од семејно насилство  и со кривичното дело  „Неизвршување  на судска  одлука“  од  чл. 377  ст. 5 од  КЗ за кое законодавецот запретува  казна  затвор  од една  до пет години. Ова кривично дело го врши одговорно службено лице или лице задолжено за тоа со судска одлука кое нема да постапи по правосилна судска одлука донесена во постапка за извршување наредба  за заштита на права.

КРИВИЧНИ ПОСТАПКИ ВО СЛУЧАИ НА СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО

Бројни меѓународни документи (препораки и резолуции), усвоени од страна на Советот на Европа и на ЕУ, воведуваат и наметнуваат нови стандарди на правосудството, како најчувствителна сфера во поглед на заштитата на човековите права од можни непочитувања и повреди. Имено, современиот систем на кривична правда подразбира воведување систем на кривични постапки во кој целосно ќе се почитуваат правата и слободите загарантирани со Европската конвенција за човекови права и другите меѓународни документи. Сето тоа подразбира воведување на кривичноправен систем кој ќе доведе до поедноставување на постапките, намалување на трошоците, употреба на нови технологии, намалување на оптовареноста на судовите и воведување на алтернативни средства за решавање на споровите.

Имајќи ги предвид ваквите стандарди за правосудството во новиот Закон за кривична постапка во Република Македонија, воведен е систем на кривична постапка во кој целосно ќе се почитуваат загарантираните права и слободи на граѓанинот. Имено, со одредбите на Законот за кривична постапка во Р Македонија, при пресудување на извршени кривични дела се дава можност да биде водена: редовна кривична постапка и четири забрзани кривични постапки. Забрзаните кривични постапки се: скратена постапка, постапка за медијација, постапка за издавање казнен налог и постапка за донесување пресуда врз основа на спогодба на јавниот обвинител и осомничениот.

Одредбите за редовна кривична постапка се применуваат во постапка пред суд што суди во прв степен за кривични дела за кои како главна казна е пропишано казна затвор над 5 (пет) години до 20 години и казна доживотен затвор, со тоа што наместо казната доживотен затвор може да се изрече казна долготраен затвор од 40 години. Редовна кривична постапка се води за кривичните дела извршени како акт на семејно насилство и тоа: Убиство од член 123, ст. 2 т. 2, Силување од член 186, Обљуба со злоупотреба на положбата од член 189 ст. 2 и Посредување при вршење на проституција од член 191 ст. 4.

Одредбите на скратената постапка (чл. 469 до 481 од ЗКП) се применуваат во постапка пред суд што суди во прв степен за кривични дела за кои како главна казна е пропишана парична казна или казна затвор до 5 (пет) години. Скратена кривична постапка се води за следните кривични дела: Убиство на миг од член 125, Тешка телесна повреда од член 131 ст. 2, Присилба од член 139 ст. 2, Противправно лишување од слобода од член 140 ст. 2 и Загрозување на сигурноста од член 144 ст. 2.

Постапката за медијација е постапка што може да биде иницирана во скратена постапка кај кривични дела за кои се гони по приватна тужба. Постапката за медијација не може да биде иницирана за кривичните дела од сферата на семејното насилство бидејќи за сите кривични дела од оваа сфера кривичниот прогон се презема по службена должност со исклучок на делото за телесна повреда од член 130 ст. 2, чиј кривичен прогон се презема по службена должност, но по претходно даден предлог од страна на жртвата што значи кривичниот прогон за ова кривично дело не се презема по приватна кривична тужба.

Постапката за издавање казнен налог е дозволена кога се работи за кривични дела казниви со парична казна или казна затвор во траење до 5 (пет) години при што е важно да постојат доволно докази што ќе го убедат јавниот обвинител дека е основано да поднесе предлог за издавање на казнен налог. Предложената санкција од јавниот обвинител за стореното кривично дело мора да се движи во рамките на санкциите предвидени во Законот за кривична постапка – парична казна од 10 до 100 глоби, условна осуда со утврдена казна затвор до 3 месеци или парична казна, забрана за управување на моторно возило до 2 години и конфискација на имот и имотна корист стекната со кривичното дело. Доколку судијата смета дека не е оправдано изрекување на предложената санкција и од приложените докази може да се очекува изрекување на друга кривична санкција, судијата нема да донесе пресуда врз основа на предлог за издавање на казнен налог, туку ќе закаже главна расправа според одредбите на скратената постапка. Против вака донесената пресуда обвинетиот има право на приговор во рок од 8 (осум) дена. Ако обвинетиот на пресудата со казнен налог не поднесе приговор, законска пресумпција е дека се согласил со неа и со истекот на рокот за поднесување на приговор, пресудата станува правосилна. Доколку обвинетиот не се согласува со пресудата, може да поднесе писмен приговор или усмен во записник пред судот. Приговорот не мора да биде образложен. Доколку е поднесен приговор против пресудата, се смета како пресудата воопшто да не е донесена и се води скратена постапка. Доколку за судијата е прифатлива предложената санкција, тој ќе донесе пресуда со која ќе го издаде казнениот налог, односно обвинетиот ќе го огласи за виновен за предметното кривично дело и спрема него може да ја изрече само казната што е предложена од страна на ОЈО.

Примената на постапката за издавање на казнен налог не е препорачлива при пресудувањето за извршени кривични дела како акт на семејно насилство и покрај тоа што жртвата на семејно насилство со примена на една ваква постапка не се изложува на повторна виктимизација, бидејќи извршувањето на тие кривични дела се со посебна зголемена општествена опасност и не смее априори за извршено кривично дело како акт на семејно насилство да се предлага изрекување на парична казна, што секако би ја погодила и жртвата на семејно насилство доколку таа сѐ уште е во заедница со обвинетиот, ниту пак да се предлага изрекување на алтернативна мерка спрема сторителот на кривичното дело извршено како акт на семејно насилство, без да се слушне за сето тоа гласот на жртвата на семејно насилство какво насилство врз неа се врши, колку време тоа трае, какви се последиците и траумите што ги преживеала од насилството. Во најмала мера ова претставува испраќање лоша порака спрема насилникот – можеш да вршиш семејно насилство следува алтернативна мерка. Се препорачува надлежниот јавен обвинител (ЈО) да одлучи дали против обвинетиот ќе биде поднесено обвинение за предметното кривично дело или надлежниот јавен обвинител ќе поднесе до надлежен суд предлог за издавање на казнен налог, тој императивно да ја повика жртвата на семејно насилство, да земе исказ од неа во смисла на тежината на извршеното насилство, неговото времетраење, последиците и осудуваноста на обвинетиот и потоа да донесе одлука за видот на постапката што ќе ја иницира.

Постапка за донесување на пресуда врз основа на спогодба на јавниот обвинител и осомничениот всушност претставува заемен договор помеѓу јавниот обвинител и обвинетиот во кој и двете страни по малку отстапуваат од првичната замисла.

Спогодувањето е облик на активно преговарање во кое обвинетиот во замена за признанието на извршеното кривично дело се откажува од правото на судење заради одредени отстапки во обвинението или во однос на одмерувањето на кривичната санкција. Процесот за спогодување и носење на пресуда врз основа на спогодба е ограничен до поднесување на обвинението. Оштетениот може да пријави оштетено побарување. Ако обвинетиот се согласи со пријавеното отштетно побарување и негово намирување, предлог-спогодбата мора да го содржи и сето ова. Ако обвинетиот не се согласи со пријавеното имотноправно побарување од оштетениот, оштетениот може да го оствари во граѓанска постапка. Предлог-спогодбата мора да биде прифатена од судот во спротивно се води редовна или скратена постапка во зависност за кое кривично дело се работи. Не е пожелно да се применува и оваа кривична постапка при извршени кривични дела како акт на семејно насилство бидејќи не ѝ се дава законска можност на жртвата на семејно насилство да се изјасни дали се согласува со видот и висината на договорената казна. По исклучок, оваа кривична постапка може да се применува доколку надлежниот јавен обвинител при постигнувањето на спогодбата бара ефективна казна затвор за стореното кривично дело, но не под лимитот на најниско предвидената казна затвор за тоа кривично дело.

Разликата помеѓу редовната постапка и забрзаните постапки е тоа што при водење на забрзаните постапки се избегнува повторната виктимизација на жртвата на семејно насилство, за многу пократко време се задоволува правдата, трошоците по кривичната постапка се крајно рационални, судовите се растоваруваат од водење на долготрајни и скапи постапки, а субјектите што учествуваат во забрзаните постапки се должни да ги почитуваат меѓународните стандарди, првенствено правото на фер судење.

2) Побарајте изрекување на привремените мерки за заштита од страна на судот

Привремените мерки за заштита  имаат за цел непосредно и брзо да ве заштитат од насилството. Со изрекувањето  на ПМЗ  на насилникот  му се укажува  дека неговото однесување е недозволиво и дека доколку продолжи со него ќе следи санкционирање. ПМЗ може да бидат изречени во ситуација кога сте го напуштиле насилникот или сè уште живеете со него.

Затоа, доколку сте жртва на семејно насилство и ви е потребна заштита, неодложно поднесете предлог до надлежниот суд (основниот суд во вашето место на живеење). Предлогот за изрекување на ПМЗ можете  да го поднесете во судот секогаш кога имате потреба од заштита, независно од тоа дали претходно сте побарале или биле изречени вакви мерки за ваша заштита.

Во предлогот согласно со заштитата која ви е вам потребна, може од судот да побарате изрекување на една или повеќе од следниве привремени мерки за заштита:

  • Да му забрани на насилникот да ви се заканува дека ќе стори семејно насилство.
  • Да му забрани на насилникот да ве малтретира, вознемирува, телефонира, контактира или на друг начин да комуницира со вас или со член на вашето семејство.
  • Да му забрани да се приближува до живеалиштето, училиштето, работното место или определено место кое редовно го посетува друг член на семејството.
  • Да нареди отстранување на насилникот од домот, без оглед на сопственоста до донесување на конечна одлука од судот.
  • Да му забрани да поседува огнено оружје или тоа да му биде одземено.
  • Да го задолжи насилникот да ги врати предметите што се потребни за задоволување на секојдневните потреби на семејството.
  • Да го задолжи да го издржува семејството.
  • Да му нареди да посетува соодветно советувалиште.
  • Да посетува задолжително лекување, доколку е корисник на алкохол и други психотропни супстанции или има некое заболување.
  • Да му наложи на насилникот да ги надомести медицинските и другите трошоци настанати од семејно насилство.
  • Да изрече која било друга мерка што ја смета за неопходна за да ви се обезбеди сигурност и добросостојба вам и на членовите на вашето семејство.

Kога се поднесува предлог за изрекување на ПМЗ?

Доколку  се наоѓате во опасност  вие или член на вашето семејство, односно постои ризик да се повтори насилството, потребно е неодложно да поднесете предлог за изрекување на привремени мерки за заштита до судот.

Кој може да поднесе ваков предлог?

Предлог за изрекување на овие мерки можете да поднесете лично или преку лице ополномоштено за таа цел од ваша страна. Тоа може да биде ваш адвокат или граѓанска организација која обезбедува правна помош за жените жртви на семејно насилство. Исто така, предлогот во ваше име може да биде поднесен и преку Центарот за социјална работа на ваше барање и со ваша согласност. Предлогот  се поднесува против лицето кое сторило и има опасност да го повтори семејното на- силство: брачен – вонбрачен другар; поранешен брачен другар; родител; дете; брат, сестра, полубрат и полусестра, како и друг член на заедничко домаќинство. Под заедничко домаќинство се подразбира заедница на лица што живеат заедно и заеднички ги трошат приходите  за задоволување на основните животни потреби (домување, исхрана и др.).

Каде се поднесува предлогот?

Предлогот за изрекување на привремени мерки за заштита можете да го поднесете во Основниот суд во вашето место на живеење секој работен ден.

Што треба да направите пред поднесување на предлогот?

Пред поднесување на предлогот неопходно е да ги соберете сите докази со кои ќе се потврди претрпеното семејно насилство. Тоа може да бидат фотографии од повредите, медицинска доку- ментација, изјави од сведоци, наод и мислење од стручни лица, извештај за преземени дејства од некоја институција, отпусно писмо за претходно лекување на насилникот,  извештај  од специјалист – супспецијалист и др. При опишување на насилството што ви се случило,  почнете со раскажување на последниот  инцидент па продолжете понатаму со опис на претходните случаи на насилство. Наведете пред колку време се случило за првпат насилството, колку често ви се случува тоа и опишете ги ситуациите кога сте имале најголем страв. Од вашата изјава потребно е судијата да донесе заклучок за сериозноста на насилството и да ги изрече потребните мерки за заштита.  Бидете подготвени пред судијата да образложите во детали за сè што ви се случило и да опишете зошто имате страв од повторување на насилството (наведување на постапките и однесување на насилникот).

Предлогот во судот се поднесува во три примероци од кои едниот останува за вас, едниот за судот, додека еден примерок од предлогот  се праќа до насилникот. При поднесувањето  на предлогот е потребно да приложите доказ за платена судска такса од 480,00 МКД. Доколку немате финансиски средства за плаќање на судската такса, поднесете барање до судот за ослободување од судски такси, со приложување на докази дека не остварувате приходи (потврда од УЈП, потврда од Агенцијата за вработување дека сте невработени, потврда од ЦСР за тоа дали сте корисник на социјална помош и висина на помошта или потврда од ЦСР дека не сте корисник на социјална помош). Исто така можете да се обратите и до Министерство за правда и да поднесете барање за обезбедување на бесплатна правна помош од страна на стручни лица во текот на постапката.

Во случај предлогот да го поднесува Центарот за социјална работа кон предлогот за изрекување на привремена мерка за заштита од овој закон, доставува наод и мислење на стручен тим во кој дава и предлог за изрекување на привремена мерка/ки во зависност од утврдените потреби за заштита на жртвата.

Што треба да направите по поднесување на предлогот?

По  поднесување на предлогот, судијата го испитува предлогот  дали е  разбирлив и дали ги содржи потребните докази. Судијата по испитувањето на предлогот може да оцени дека во него нема доволно докази, дека не сте го поднеле во доволен број примероци или не е платена судската такса, при што предлогот ќе ви го врати на дополнување или доуредување. За ова ќе бидете писмено информирани и ќе имате рок од 8 дена по денот на известувањето да ги направите потребните промени и дополнувања на предлогот. Доколку не постапите по барањето од страна на судот, тој може да го отфрли предлогот, односно да не ги изрече бараните привремени мерки за заштита.

Закажување на судско рочиште и поканување на противникот

По  поднесувањето   на предлогот  за изрекување на ПМЗ, судот  во  рок  до  7  дена го праќа предлогот  со  покана до насилникот (во овие постапки противник) со цел да го обезбеди неговото присуство на закажаното рочиште. Истовремено, судот праќа покана за одржување на судско рочиште и до вас како предлагач во постапката. Закажаното рочиште се одржува независно дали е присутен противникот или само вие присуствувате на судењето, доколку од доказите  што ги имате поднесено може да се утврди сериозноста  на насилството и потребата за изрекување на ПМЗ.

Заштита на личните податоци на жртвата

Доколку сакате  вашите лични податоци да не се откријат, односно да не се  открие  адресата  на вашето  престојување при доставување на примерок од предлогот за изрекување на ПМЗ на насилникот и покана за негово присуство на судењето, поднесете барање за заштита на овие податоци.

Изведување на докази

На судското рочиште ќе бидат изведени доказите што ги имате приложено кон предлогот за изрекување на ПМЗ. Тие треба да се основа за судијата да го прифати предлогот и да ги изрече мерките. Кога во вашиот предлог барате на насилникот да му биде изречена мерката „задолжително лекување“, судот може да наложи спроведување на невролошко или психијатриско вешта- чење за што е потребно одвојување на финансиски средства.

Донесување на решение за изрекување на привремени мерки за заштита

По одржувањето  на судското рочиште, судот донесува решение за изрекување на ПМЗ. Во решението  судот може во целост или делумно да ги усвои предложените ПМЗ. Судот го информира насилникот за донесеното решение и санкциите што ќе стапат на сила, доколку тоа не се почитува. ПМЗ од страна на судот може да бидат изречени за период од три месеци до една година.

Доколку  судијата  не  ги  изрече  привремените  мерки за заштита и вие се чувствувате несигурно и небезбедно, обратете се до надлежната полициска станица со цел обезбедување на ваша заштита. Повеќе информации за ова ќе најдете во делот на кривичната постапка за заштита на жртвите на семејно насилство.

Примерок  од  решението   судот  испраќа до  надлежните институции за негово следење, како и до ЦСР и полициската станица во вашето место на живеење или местото каде што престојувате во ситуација кога го имате напуштено вашиот дом. Примерок од решението добивате и вие и пожелно е решението да го имате со вас за да можете во ситуација кога насилникот не ги почитува изречените мерки да го приложите до претставниците на надлежните институции за понатамошно постапување.

Жалба во случај кога не сте задоволни од решението на судот и изречените ПМЗ

Поднесете жалба до надлежниот  апелационен суд во која ќе  наведете  дека  со  неуважувањето  на  вашиот  предлог и неизрекување на предложените  ПМЗ судот не успеал да ви ја обезбеди законски загарантираната заштита.

Институции одговорни за спроведување на привремените мерки за заштита

Судијата во донесеното решение го наведува точниот назив на органот или институцијата во рамките на надлежното министерство, која е должна да се грижи за спроведување на изречените ПМЗ.

Министерството за внатрешни работи, односно месно надлежната полициска станица во вашето место на живеење или престојување е надлежна за извршување на следнив мерки:

  • Забрана да ви се заканува дека ќе стори семејно насилство
  • Забрана да малтретира, вознемирува, телефонира,   контактира или на друг начин да комуницира со вас или со член на вашето семејство
  • Забрана да се приближува до живеалиштето, училиштето, работното место или определено место што редовно го посетува друг член на семејството
  • Отстранување на насилникот од домот, без оглед на сопственоста до донесување на конечна одлука од судот
  • Забрана да поседува огнено оружје или тоа да му биде одземено.

Во надлежност на специјализирано советувалиште е спроведувањето на следнава мерка

  • Посетување на соодветно советувалиште во надлежност на советувалиште за насилници.

Министерството за здравство, односно здравствените установи што обезбедуваат  терапија и третман на лица корисници на  дрога и  алкохол,  како и  лица со  одредено  психолошко заболување се надлежни за спроведување на мерката:

  • Задолжително лекување, доколку употребува алкохол, дрога и други психотропни супстанци или има психичко заболување.

Согласно  сo законот  за извршување се  спроведуваат следниве ПМЗ:

  • Задолжување да ги врати предметите кои се потребни за задоволување на секојдневните потреби на семејството;
  • Задолжително издржување на семејството;
  • Надоместување на медицински и други трошоци настанати од семејно насилство.

Укинување, менување и продолжување на изречените привремени мерки за заштита

Во периодот додека трае извршувањето на мерките може со поднесување на нов предлог да се бара:

– укинување на изречената ПМЗ пред истекот на рокот докол- ку сметате дека е постигната целта поради која била изречена мерката (на пр. во ситуација кога насилникот го променил своето однесување и се подобриле односите); и

– изменување на изречената мерка,  доколку сметате  дека изречената мерка е несоодветна.

По истекот на рокот за кој е изречена мерката, можете со поднесување на нов предлог до судот да барате продолжување на изречените мерки, доколку оцените дека изречената мерка ќе ги постигне бараните резултати, меѓутоа потребно е тaа да трае  подолг временски период.  Правилата  за  поднесување на нов предлог се исти како судската постапка која веќе сте ја поминале.

Доколку насилникот не го почитува решението на судот

Доколку насилникот  не го почитува решението  со изречените ПМЗ,  пријавете  го во надлежните  институции за нивно спроведување кои треба  да го известат  надлежниот  суд. За непочитување на донесеното Решение со привремени мерки за  заштита  од  семејно  насилство  потребно  е  да  пријавите во надлежната  полициска станица  или ОЈО за да иницирате кривична постапка за сторено кривично дело „неизвршување на судска одлука“,  за кое е предвидено изрекување на казна затвор. Оваа постапка наведените институции  ја иницираат по службена должност по добиените сознанија од ваша страна за непочитување на Решението на судот.

3) Судска заштита и во останатие граѓански постапки доколку Вашиот брачен/вонбрачен партнер ги повредува или загрозува Вашите граѓански субјективни права од лични, семејни, имотни и други граѓанско правни односи.

За што можете да барате од судот да постапува во граѓански постапки?

  • бракот да се разведе;
  • доверување старателство на малолетни деца од брачна/вонбрачна заедница или промена на претходно донесена судска одлука за доверено старателство до промена на околности;
  • определување законска издршка (алиментација) за малолетни деца или промена, укинување на претходно донесена судска одлука со задолжување за плаќање издршка до промена на околности;
  • надомест на штета односно справедлив паричен надоместок при повреда на лични права;
  • имотно правни спорови (делба на заеднички стекнат имот, иселување);
  • спорови за утврдување на мајчинство и татковство;
  • одземање на родителско право.

Неопходно е да знаете дека определено барање се остварува по судски пат доколку за тоа како тужител поднесете тужба во форма и содржина определена со закон.

Што е важно да знаете доколку сте во својство на тужител?

Во свое име или во име на некој друг (како родител, старател на деца) одлучувате кога и за што ќе поведете постапкка до надлежен суд со поднесување на тужба. На Ваш товар е да ја докажете оправданоста на тужбеното барање за судска заштита на правото за кое тврдите дека е повредено, оспорено или пак за утврдување право или однос за одредена правна работа.

Што треба да содржи секоја тужба?

Во тужбата наведете конкретно определено барање односно кое право Ви е повредено или кое сакате судот да го утврди, со наведени факти и поткрепено со докази. Покрај ова, тужбата мора да содржи означување на надлежен суд, име и презиме, живеалиште и ЕМБГ на тужителот поткрепено со доказ за лична идентификација , основни информации за застапник односно полномошник и за тужениот кон кого е упатена тужбата .

Што е важно е да знаете доколку се јавувате во својство на тужен?

Во свое име или во име на некој друг (како родител, старател на деца) имате право во законски рок (од 15 до 30 дена) од денот на приемот на тужбата да поднесете писмен Одговор на тужба. На Ваш товар е да докажете и наведете факти со кои ќе се изјасните против тужбеното барање на тужителот а можете и да го признаете тужбеното барање доколку сметате дека тужбата на тужителот е основана и не се противите на истата. Исто така, и одговорот на тужбата треба да содржи основни информации дополнително со наведување на која тужба се повикувате.

Како постапува судот по поднесувањето на тужбата?

Првенствено судот ја испитува тужбата дали ги содржи сите потребни елементи и во доволен број на примероци а потоа еден примерок од тужбата со прилозите ја доставува до тужениот на одговор со покана за закажан тремин за подготвително рочиште. Кога се присутни сите повикани странки се одржува главна расправа на која се изведуваат доказите (сослушување на странки, сведоци, вештачење и итн), а потоа се даваат усно завршните зборови од тужителот и тужениот и ги резимираат клучните факти за кои сметаат дека се одлучувачки за судот за да донесе пресуда. Незадоволната странка (тужителот односно тужениот) има право да изјави жалба на пресудата.

Кои се трошоци во текот на постапката?

Тужителот и тужениот како учесници во постапката претходно сами ги поднесуваат трошоците што ги предизвикале со своето дејствие и тоа со плаќање на трошоци за судски такса за тужба, жалба и пресуда. Висината на таксата е различна и зависи од вредноста на спорот со тоа што трошоците во постапката може и дополнително да се зголемени за награда на адвокат, надомест на трошоци за сведоци, вештаци, за изведување на увид на лице место и други трошоци. Најчесто странката која во целост ќе ја изгуби парницата е должна на спротивната страна да ги надомести трошоцитеили пак судот да одлучи секоја странка да ги покрие своите трошоци во постапката доколку делумно успеат во барањето.

Кој може да бара ослободување од трошоци?

Странката која не може да ги плати трошоците може да бара судот да ја ослободи од плаќање на трошоци во постапката со поднесување предлог до судот во прилог со потврда дека е примател на социјална помош, уверение од Управата за јавни приходи дека не остварува приход односно не плаќа данок по ниеден основ. За евидентираните жртви на семејно насилство може да се добие ослободување од вкупни судски трошоци вклучително со застапување од адвокат без притоа да се утврдува нивната имотна состојба.

Најчесто жените што претрпеле семејно насилство ги водат следниве судски постапки:

  • развод на брак;
  • старателство и издршка за деца;
  • делба на заеднички стекнат имот во брачна/вонбрачна заедница-сопственоста е спорна; и
  • надомест на штета

Што е важно да знаете за бракот да се разведе?

Едниот или двајцата брачни партнери се слободни да бараат бракот да се разведе.

Бракот може да се разведе:

Спогодбено со заемна согласност на брачните партнери, бракоразводната постапка се поведува со поднесување на Предлог за спогодбен развод. Доколку брачните партнери имаат заеднички малолетни деца, неопходно е да достават до судот и писмена спогодба за начинот на вршење на родителските права и должности односно согалсност за доверувањето на децата и кај еден од родителите а другиот родител се обврзува да плаќа издршка со непречено право да остварува средби и контакти со децата. Судот првенствено предметот односно предлогот го доставува до стручните служби на центрите за социјална работа заради спроведување на мировна постапка во случај на неуспех, постапката продолжува пред суд и утврдува за исполнување на условите бракот да се разведе.

Потребни материјални докази за овој вид на развод се: извод од матична книга на венчани, по потреба извод од матична книга на родените за малолетните деца, копија од лична карта за двајцата брачни партнери. Вредноста на постапката е определена во износ до 10.000 денари  со тоа што е потребно навремено плаќање на судски такси определени за предлог во износ од 480 денари, за жалба 900 денари и за судска одлука 480 денари. Вкупните трошоци може да се зголемат доколку имате ангажирано адвокат односно полномошник.

Тужба за развод поради нарушени брачни односи или поради вршење семејно насилство поднесена од еден од брачните партнери во својство на тужител.Пред или за време на траењето на постапката за развод на брак, може еден од брачните партнери да поднесе предлог до судот за изрекување на привремена мерка за итно доделување на малолетните деца додека трае постапката и не се донесе конечна судска одлука. Во ваков случај, судот бара мислење од Центарот за социјална работа за времено доверувањето на децата кај еден од родителите.

Во редовна постапка, судот донесува пресуда по истакнати тужбени барања односно бракот да се разведе, го регулира доверувањето на малолетните деца кај едниот родител имајќи ја во предвид согласноста кај брачните партнери но пред се го цени стручниот наод и мислење во донесеното решение на Центарот а во спротивно на барање на странките можно е да се изврши психијатриско вештачење за подобност на родителски капацитетеи. Исто така, судот одлучува и за издржување на децата со задолжување на родителот со кого децата не живеат да плаќа континуирано издршка определна во износ во рамките на неговата имотна состојба, вистински можности за заработка, законска обврска да издржува други лица притоа ценејќи ги посебно трошоците за задоволување на потребите на децата  согласно нивната возраст.

Потребни материјални докази за овој вид на развод се: извод од матична книга на венчани, извод од матична книга на родени за децата, потврда од плата/приходи за двајцата брачни партнери, копија од лична карта и со можност и за доставување судски одлуки за сторено семејно насилство (решение за ПМЗ, кривична пријава или пресуда за кривично дело сторено при вршење семејно насилство, медицински извештај и др.

Вредноста на постапката по овој основ е определена во износ од 20.000 денари со тоа што судска такса за тужба чини 800 денари, жалба 1.600 денари и пресуда 800 денари. Надоместокот за трошоци за психијатриско вештачење за родителска подобност се во износ од 8.000 до 30.000 денари за супервештачење.

Тужба за развод поради фатички престанок на брачната заедница поднесена од еден од брачните партнери во својство на тужител. На товар на тужителот е докажувањето дека брачната заедница е раскината подолго од една година на начин што брачните партнери живеат разделено во посебни семејни домови или разделени но под ист покрив. И во оваа постапка, судот донесува пресуда бракот да се разведе а доколку во бракот се родени малолетни деца одлучува за доверување кај еден од родителите со обврска за другиот да плаќа за издржување на малолетните деца.

Трошоците во постапкава по овој основ се еднакво определени како по основ на тужба за нарушени односи со тоа што често се     зголемени со трошоци за поставување на адвокат во отсуство на тужениот доколку се сака постапката да се заврши со судска  одлука.

Што е важно да знаете за постапка за старателство и издршка на деца?

Постапкиве се поведуваат со тужба од еден од родителите во својство на тужител а најчесто по основ на доверување деца родени во вонбрачна заедница. Исто така постапкава се поведува со тужба и за промена на претходно донесена судска одлука поради променети околности. Судот донесува пресуда за доверување на деца од вонбрачна заедница кај еден од родителите врз основа на претходно донесено решение од Ценатрот за социјална работа додека другиот го задолжува со плаќање издршка за децата имајќи ги во предвид потребите на децата во рамките на финасиските можности на задолжениот родител.

Доколку предмет на постапкава е промена на судска одлука, на товар на тужителот е докажувањето дека настапиле променети околности кои се од влијание и значење за промена на судската одлука во делот на доверување на старателството на децата или околностите се од влијание за промена на судската одлука за зголемување, намалување или укинување на претходно определената издршка за деца. Судот ја менува претходно донесената одлука за старателство по претходно прибавено мислење од Центарот за социјални работи.

Потребни докази во во оваа постапка се: извод од матична книга на родените за малолетните деца, решение од ЦСР, претходна правосилна судска одлука, материјални или вербални докази за злоупотреба или занемарување на родителски должности, докази за зголемени трошоци на децата,  финансиски приходи на тужителот и тужениот и др. Трошоците за судски такси се определени во зависност од вредноста односно од побараната издршка за период од три месеци. На пример, доколку тужителот бара судот да го задолжи тужениот да плаќа издршка за дете по 5.000 денари месечни односно 15.000 за три месеци, тоа значи дека судската такса за тужба изнесува 800 денари, жалба 1.600 денари и 800 денари за пресуда. Постои можност судските трошоци да се зголемени за награда на адвокатот, односно полномошникот.

Што е потребно да знаете за постапка за делба на заеднички стекнатиот имот?

Имотот кој брачните/вонбрачните партнери ќе го стекнат во текот на задничкото живеење се смета за заедничка сопственост на неподелена ствар кога нивните делови се определиви но не се однапред определени.

Секој од партнерите (согласно одредбите од Законот за сопственост и други стварни права) за време на заедничкиот живот или по разделбата (ова право не застарува) може да поведе постапка за делба на заедничкиот имот (движен и недвижен) за да се утврдат деловите. Пред и во текот на процесот за делба на заедничкиот имот, по потреба може да се поднесе до судот предлог за времена мерка цел заштита на имотот од продавање, отуѓување, хипотекарно оптоварување, блокирање на сметки во банка и сл.

Утврдувањето на делот во заедничката сопственост се врши на три начини:

–  со договор за меѓусебна постигната спогодба во форма на нотарски акт и потпишана пред нотар;

– ако не се постигне спогодба се покренува вонпарнична постапка, а по претходно поднеснен писмен предлог од еден од брачните/вонбрачните партнери во својство на предлагач. При утврдувањето на деловите во заедничкиот имот, судот тргнува од фактот дека заедничката сопственост се дели на еднакви делови односно сопственоста е неспорна. Доколку сопственоста е спорна, судот ја запира постапката и ја  упатува  странката која ја спори сопственоста во парнична постапка;

– парнична постапка со тужба ја покренува странката која во вонпариничната постапка ја спори сопственоста и при тоа оваа странка е задолжена да докаже дека неговиот придонес во заедничкиот имот очигледно и значително е поголем од придонесот на другиот.

Потребни докази во оваа постапка се: имотен лист, судска пресуда за развод на брак, потврда за приходи и др. Трошоците за плаќање судски такси во вонпарнична постапка се минимално определени односно такса за предлог чини 480 денари, жалба 900 денари и 480 денари за судско решение, додека парничната постапка се карактеризира со високи трошоци произлезени од вредноста на предметот односно имотот за кој постапува судот. Но како и да е, максималниот износ на судски такси е определен независно од вредноста на имотот, па такса за тужба најмногу може да чини до 6.000 денари, жалба до 12.000 денари и судска пресуда до 6.000 денари. Судските трошоци во постапкава може дополнително да се зголемат за увид на судот во износ од 1.200 денари, и за геодет од 3.200 до 8.000 денари.