Семејното насилство не е изолиран инцидент, туку процес кој се развива и се повторува во карактеристичен циклус. Овој циклус создава илузија кај жртвата дека насилството е моментално, дека може да се контролира или дека сторителот ќе се промени. Разбирањето на динамиката и циклусот е клучно за поддршка на жртвите и за донесување информирани одлуки.
Постојат три фази на циклусот на семејно насилство:
- Фаза на напнатост
Во оваа фаза, се јавува постепено зголемување на тензијата. Насилникот станува се повеќе нервозен, контролирачки настроен, раздразлив. Жртвата се обидува да „ги избегне конфликтите“, ја прилагодува сопствената комуникација и однесување, се повлекува или премолчува.
Начин на манифестирање: критики, тивки закани, пасивна агресија,
Чувства кај жртвата: страв, вознемиреност, анксиозност, вина.
- Фаза на експлозија (насилство)
Во оваа фаза, тензијата кулминира со ескалација на насилството, физичко, психолошко, сексуално или економско. Оваа фаза може да трае неколку минути, но последиците се длабоки и трајни.
Начин на манифестирање : удирање, заканување, кршење предмети, навреди, заклучување.
Чувства кај жртвата: физички повреди, шок, чувство на беспомошност.
- Фаза на „меден месец“ (помирување)
По инцидентот, насилникот често се извинува, ветува промена, се обидува да ја убеди жртвата дека ја сака. Може да покаже привидна грижа, да подари нешто или да побара втора шанса. Во оваа фаза, жртвите често се надеваат дека насилството било „единствен случај“ и дека нема да се повтори.
Начин на манифестирање: извинувања, ветувања, подароци, барање простување.
Чувства кај жртвата: надеж, збунетост, вина, емоционална зависност.
Зошто е важна свеста за циклусот?
Овој циклус може да се повторува со месеци или години, при што фазата на „меден месец“ се скратува, а насилството станува се почесто и поинтензивно. Разбирањето на циклусот им помага на жртвите и на професионалците да ги препознаат знаците на трајна злоупотреба и да делуваат навремено.